НАШИОТ НАЈДОБАР ВОЗАЧ НЕ ЈА ЗАВРШИ ПРВАТА ТРКА НА ЗАНДВОРТ

Баксузна трка за Иџе (видео)

Шпанецот Микел Азкона е победник на првата од двете трки на Зандворт во рамките на ТЦР Европа шампионатот. Иџе излета но не по своја вина

објавено: 20 мај 2018 - 14:03

По двојниот триумф на Душан Борковиќ во Ле Кастелет, следуваше шпански триумф на првата трка на патеката Зандворт во Холандија. Азкона од тимот на Купра се искачи на првото место на подиумот, пред Атила Таши од Хонда и Јап ван Лаген од Ауди на задоволство на локалните фанови. Ван Лаген стартуваше прв но во текот на трката падна на третото место.

Нашиот најдобар возач Игор Стефановски Иџе имаше ново излетување. По сударот на втората трка во Ле Кастелет и репарирањето на неговото Хјундаи, нашиот најдобар возач тргна од 11 позиција на патеката во Холандија. Но мораше да се предаде.
Едно Пежо удри во возилото пред него се изврте на патеката, а Иџе за да избегне контакт удри во возилото на Жилиен Брише што беше до него и по неколку метри и двајцата мораа да застанат затоа што предните делови од нивните возила беа уништени.

Водечкиот во генералниот пласман, Србинот Борковиќ заврши на петтото место и освои бодови. Виктор Давидовски со Хонда сивик заврши на 15. позиција со нешто повеќе од 33 секунди послабо време од победникот.

Утре на програмата е втората финална трка на Зандорф, инаку втора од седумте серии оваа сезона во ТЦР шампионатот.

Најново во Авто-мото