МЕЃУ 280 ВОЗАЧИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ, ЌЕ БИДЕ И НАШИОТ ВУКОВ

Рико ќе вози на трката „24 часа Адриа“ во Италија

Се работи за една од најатрактивните трки, бидејќи борбата за пласман трае 24 часа

објавено: 9 ноември 2017 - 10:30

По одличните резултати остварени на тестирањето на патеката „Адриа“, македонскиот возач Ристо Вуков повторно ќе се врати во Италија. Популарниот Рико за прв пат тестираше на возила со „TCR“ спецификација и покажа одлични перформанси. Токму благодарение на тие резултати, Вуков доби покана да биде дел од „ Ibiza trophy 24 endurance“, настан кој е закажан на 25 и 26 ноември. 

„Решив да ја прифатам поканата за трката „ Ibiza trophy 24 endurance“, бидејќи тоа е шанса да стекнам уште поголемо искуство. Ќе биде нешто поразлично. Се вози во текот на 24 часа. Ќе има околу 280 возачи и 35 автомобили. Тимот во кој сум јас е составен од осум возачи. Ќе бидам заедно со мојот колега од Србија, Јован Лазаревиќ. Патеката не е многу долга, па секој ќе има шанса да извози минимум 150 кругови“, објаснува Вуков. 

Според распоредот на организаторот, на 24 ноември (петок) ќе има слободни тренинзи. Сите осуммина возачи од тимот на Вуков ќе возат, а најдобриот од нив, ќе добие шанса да се појави на квалификациите, кои се закажани за во сабота. На 25 ноември, во 13 часот е закажан стартот на трката, а ќе се вози до 13 часот следниот ден, што значи дека крајот на трката ќе биде во недела на 26 ноември.

Вуков ќе биде единствениот Македонец на оваа „маратонска“ трка, која ќе се вози на патеката „Адриа“ во Италија.

 

Најново во Авто-мото