ОДЛИЧЕН НАСТАП НА НАШИОТ ВОЗАЧ

Вуков „леташе“ на патеката во Италија (Видео)

Благодарение на добрите возења и постигнати резултати, популарниот Рико доби покана за трка со „TCR“ возилата

објавено: 4 ноември 2017 - 20:33

Одличен настап имаше македонскиот возач Ристо Вуков на првото тестирање на возила со „TCR“ спецификација, во областа Венето во Италија. Популарниот Рико е задоволен од постигнатите резултати и покажаното возење во текот на неговта посета на патеката „Адриа“. Вуков вели дека дури и домаќините биле позитивно изненадени од перформансите на нашиот возач во тие неколку дена во Италија. 

„Поминавме одлично, дури и многу подобро од очекуваното. Бевме одлично пречекани. Патеката „Адриа“ всушност е цел комплекс полн со патеки за картинг, со хотели... Првиот ден од тестирањето возевме Сеат Ибица со 210 коњски сили. Кога дојдовме, нивната проценка беше дека ќе возам со време 1:38 минута, но по првиот тренинг моето време беше 1:32,4 минута, што е за повеќе од пет секунди подобро време“, вели Вуков, кој сега се натпреварува во српскиот шампионат со „Југо хибрид“. 

Нашиот возач имал можност да добие совети и искуство од италијанските возачи Џовани Алтое (актуелен шампион во TCR Италија) и неговиот брат Џакомо Алтое кој е вицепрвак на Европа во TCR првенството. Вториот дел од тестирањето Вуков имал ново искуство. 

„По неколкуте тестови со Ибица, следниот ден тестирав за Леон tcr, кој има DSG менувач со околу 350 до 380 коњски сили. Возев со стари гуми, седиште плус, а искористеноста на моторот беше 90 отсто. И тука имав одличен резултат, со време од 1:24 минута, додека идеалното врме за прво место е 1:21,4 минута. Инжинерот кој беше со мене направи телемтрија и кажа дека доколку возилото го доведеме 100 отсто и да се стават нови гуми, времето би било некаде за 2 или 3 место на стартната листа“, објаснува Вуков. 

Колку за споредба, неколку дена пред Вуков, на таа патека со тоа возило тестирал искусен возач на Порше ГТ2 купот и имал време од 1:25,2, што е за повеќе од една секунда заостанување во однос на македонскиот возач. 

„Добив многу пофалби, а искрено се изненадив од себе бидејќи не очекував такви резултати. Целта на овој тренинг беше да видам до кај сум и дали сум за овие патеки, а резултатите беа над очекувањата. Добив покана на 27 и 28 ноември да возам на „Ибица куп“. Тоа е 24-часовна трка, одлична за стекнување на искуство, но и да се види до каде е издржливоста“, вели Рико, кој додаде дека сепак фокусот ќе му бидат натпреварите во српскиот шампионат каде возеше и минатата сезона со „Југо хибрид“. 

Најново во Авто-мото