ТРИУМФ НА ШПАНЕЦОТ ВО КАТАЛОНИЈА

ЕПСКО ВРАЌАЊЕ: Лоренцо ја освои и Каталуња пред Маркез и Роси! (Видео)

Возачот на Дукати триумфираше на Големата награда на Каталонија во рамките од Мото ГП шампионатот.

објавено: 17 јуни 2018 - 16:59

31-годишниот Шпанец на патеката „Каталуња" оствари време 40:13.566 и на тој начин го заокружи одличниот викенд кој го започна во квалификациите со пол-позиција.

Марк Маркез се обиде да заврши пред Лоренцо, но возачот на Хонда на крајот мораше да се помири со второто место со 4.479 секунди задоцнување, додека добар резултат имаше и Валентино Роси, кој на „Јамаха" од седмата дојде до третата позиција и подиумот.

Зад нив се смести Крачлоу, Шпанците Педроса и Виналес беа на петтото и шестото место, Зарко на седмото, а во првите 10 беа уште Петручи, Баутиста и Јаноне.

За Лоренцо ова беше шеста победа во Каталонија, од кои пет ги оствари во Мото ГП класата, а една во категоријата од 250 кубици.

Во генералниот пласман и понатаму води Маркез кога сега има 115 бодови, 27 повеќе од Валентино Роси како второпласиран, а трет е Виналес (77).

После вториот триумф по ред Лоренцо е на деветтата позиција со 66 бодови и ќе биде интересно дали ќе продолжи неговата победничка серија после слабиот старт во шампионатот. Следната трка, осма по ред сезонава ќе се одржи во Асен, Холандија на 1. јули.

Најново во Авто-мото