НОВА ТРКА ОД ФОРМУЛА 1 ШАМПИОНАТОТ

Ферстапен во Австрија ја искористи катастрофата на Мерцедес

На Големата награда на Австрија славеше Макс Ферстапен (1:21:56.024 ч.), втор беше Кими Раиконен, а трет Себастијан Фетел.

објавено: 1 јули 2018 - 16:52

Иако бранителот на титулата во Формула 1 шампионатот Луис Хамилтон и Валтери Ботас беа фаворити, дуото на Мерцедес се откажа од трката.

Откако на претходната трка беше второпласиран во Франција, ова е прва победа за Холанѓанецот оваа натпреварувачка сезона 2018.

Ботас стартуваше од првата стартна позиција, но тимскиот колега Луис Хамилтон веднаш го престигна. Британецот константно ја зголемуваше предноста, а потоа Ботас во 14. круг мораше да се откаже поради проблем со хидрауликата и тоа беше клучен момент на трката.

Поради откажувањето на Ботас беше повикано безбедносното возило што ривалите на Хамилтон го искористија и заминаа во бокс, додека Мерцедес не го повика својот возач за замена на гумите. Главниот стратег на Мерцедес, Џејмс Вовлс ја призна својата грешка и го повика Хамилтон во бокс во 26. круг.

Хамилтон од трката се откажа во 64. круг поради проблеми со моторот, и така си ја прекина низата од 33. трки со освојување на бодови.

До крајот на трката Раиконен не сакаше да го пропушти Фетел, но Германецот го презеде водството во генералниот пласман со еден бод повеќе од Хамилтон (146:145).

Се очекува Хамилтон да се врати на победничките патеки, на следната трка која што ќе се одржи на 8. јули на патеката „Силверстоун".

Најново во Авто-мото