НОВИТЕ СОПСТВЕНИЦИ СО НОВ КОМЕРЦИЈАЛЕН ПРИСТАП

Акции за Формула 1 тимовите!

Новите сопственици на Формула 1, американската компанија „Либерти медија" ќе им понудат акции на тимовите кои учествуваат во спортот, но тие нема да имаат шанса да гласаат за важните прашања

објавено: 28 декември 2016 - 19:00

Ова го тврди угледниот германски „Ауто мотор унд спорт“, кој додава дека американските сопственици нема да имаат проблем да се разделат со дури 20 отсто од комерцијалните права. Со овој договор, тимовите ќе добиваат процент од заработувачката на спортот и би можеле да имаат место во бордот на компанијата, но нема да можат да гласаат за новите стратегии, регулативи, маркетинг-кампањи и слично.

Се верува дека на тимовите ќе им биде даден рок до крајот на јануари да одлучат дали сакаат да влезат во вакво бизнис-партнерство.

Трикратниот Ф1 шампион, Сер Џеки Стјуарт пак ги предупреди сопствениците дека мораат да внимаваат и да најдат достојна замена за Берни Еклстоун.

„Нема да има уште еден Берни. Тој е уникатен во светот на спортот - никој не направил толку пари за себе и за сите околу себе. Но, Либерти мора да бара решение. Кога почина Пит Розел, сите мислеа дека тоа е крајот на НФЛ. Меѓутоа, спортот порасна уште повеќе поради тоа што беа донесени вистински луѓе на вистински места“, вели Стјуарт.

Најново во Авто-мото