НАЈСТАРИТЕ И НАЈУСПЕШНИТЕ ГИ ПРЕТСТАВИЈА МАШИНИТЕ

Ферари и Мекларен со големи амбиции во 2017

Најстарите и најуспешните формула 1 тимови, Ферари и Мекларен ги претставија своите болиди за новата сезона со многу промени, но и со многу очекувања

објавено: 24 февруари 2017 - 14:47

Ферари го претставија СФ70-Х болидот без многу фанфари по разочарувачката 2016, меѓутоа тифозите очекуваат италијанскиот тим да се врати на победите. За разлика од другите тимови, Ферари се одлучи на он-лајн промоција, по што болидот комплетираше кругови на тест-патеката во Фиорано, Италија како дел од „часовите за ТВ-снимање“.

„Продолжениот нос и крилото во форма на стрела се последица на новите регулативи, како и покривката на моторот“, се вели во соопштението на Ферари.

Поранешните светски шампиони, Германецот Себастијан Фетел и Финецот Кими Раиконен повторно се заедно во обид да се стигне до првата титула кај конструктори од 2008 и првата кај возачи од 2007 година (кога победи Раиконен). 

 

Мекларен пак, го претставија својот нов болид, МЦЛ32 со необична портокалово-црна комбинација, која наликува на тигар и која доаѓа од традицијата на тимот од 1960-тите и 1970-тите години. Зад воланот ќе бидат двократниот светски шампион Фернандо Алонсо и младиот Белгиец Штофел Фандорне, кој доаѓа на местото на Џенсон Батон. По катастрофалната 2015 и малку подобрата 2016 година, очекувањата во Мекларен се високи.

„Тоа што го видов на МЦЛ32 е навистина ветувачки. Новите правила се добро промислени, а болидот изгледа брз и агресивен. Ова е дефинитивно еден од најубавите болиди кои сум ги возел“, вели Алонсо.

Мекларен имаа разочарувачка 2016 во која беа шести во генерален пласман зад Форс Индија и Вилијамс, по што следуваа промени во тимот - заминување на долгогодишниот шеф Рон Денис и преименувањето на традиционалното име на болидите МП4 во МЦЛ. Тркачкиот директор Ерик Булие, вели дека тимот свртел нова страница.

„Постои чувство во фабриката дека ќе ја свртиме работата. Нашите односи со Хонда станаа подобри и има вистинско пријателство и сега сме возбудени за тоа што можеме да го оствариме оваа година“, вели Булие.

 

Најново во Авто-мото