ПОЧНА ТЕСТИРАЊЕТО ВО БАРСЕЛОНА

Ферари најбрзи, Мекларен и Ред Бул во аут првото утро

Светските шампиони Мерцедес нижеа кругови, Ферари беа најбрзи со Себастијан Фетел, додека Ред Бул и Мекларен веднаш наидоа на проблеми на првото претпладне тестирање во Барселона

објавено: 27 февруари 2017 - 14:55

Валтери Ботас, кој го замени Нико Розберг во Мерцедес до паузата за ручек имаше 79 кругови на патеката Каталуња, меѓутоа најбрз беше четирикратниот сетски шампион Фетел со круг од 1:22.791 и 62 круга на „средни гуми“. Ова беше блиску до најбрзиот круг поставен на тестирањето во Барселона од 1:22.765. Ботас беше втор со 0.378 секунди послабо време на меки гуми.

Главниот фокус на тимовите, нормално, е на постојаноста и на километрите, а дел од болидите на себе имаа комплицирани аеродинамички мерни системи.

Фернандо Алонсо не успеа да постави мерен круг на својата домашна патека за Мекларен, додека Даниел Рикијардо, кој прв го возеше новиот Ред Бул РБ13 заврши само четири.

Според Хонда, Мекларен МЦЛ32 болидот, кој имаше само еден инсталациски круг, имаше проблем со системот за масло. Рикијардо застана на патеката со проблем со сензорите меѓу третата и четвртата кривина.

Серхио Перез (Форс Индија) беше трет пред повратникот Фелипе Маса (Вилијамс), Маркус Ериксон (Заубер) и Нико Хулкенберг (Рено). 

Најново во Авто-мото