ПУЛЕНОТ НА МЕРЦЕДЕС ДОБИВА ГОЛЕМА ШАНСА

Форс Индија се решија за Окон

Уште едно парче од сложувалката за Ф1 2017 е на своето место. Форс Индија објавија дека потпишаа „повеќегодишен" договор со Французинот Естебан Окон, досегашниот возач на Мејнор

објавено: 10 ноември 2016 - 14:50

Французинот во тимот го заменува Нико Хулкенберг, кој беше ослободен од договорот за да се приклучи на тимот на Рено. Паскал Верлајн, Џолион Палмер и Фелипе Наср беа во игра за слободното место во Форс Индија, но Окон ја доби честа да биде партнер на Мексиканецот Серхио Перез.

„Се работи за исклучителен талент, и неговиот статус на јуниорски возач на Мерцедес го покажува тоа и верувам дека ќе го покаже талентот во нашиот тим. Повеќе години го следиме неговиот прогрес и лани му дадовме еден ден тестирање и не убеди дека е доволно добар да се трка за нас“, изјави шефот на тимот, Виџај Малја.

20-годишниот Окон дебитираше во Формула 1 со Мејнор од Белгиското ГП оваа година заменувајќи го Индонезиецот Рио Харјанто. Тој минатата година тестираше за Форс Индија, а имаше и тест-денови со Мерцедес и со Рено. Окон, кој подолго време е пулен на Мерцедес, со ова добива шанса да вози конкурентен болид и да остане во игра за место во главниот тим на Мерцедес, бидејќи договорите на Нико Розберг и Луис Хамилтон завршуваат на крајот на 2018 година.

Откако Палмер остана во Рено, а Кевин Магнусен замина за Хас, со објавата на Форс Индија, слободни места во Ф1 остануваат само во Заубер и Мејнор. Заубер би требало да останат со Наср и Маркус Ериксон, додека Верлајн ќе добие втора сезона со Мејнор со замена за Окон.

Најново во Авто-мото