ПОЛСКИОТ ВОЗАЧ ЌЕ ДОБИЕ НОВА ШАНСА

Кубица повторно ќе тестира за Рено

Роберт Кубица повторно ќе има тест за тимот на Рено, во обид тој и тимот да сфатат дали Полјакот навистина може да направи кам-бек во Формула 1

објавено: 4 јули 2017 - 19:15

32-годишниот Полјак има само делумна подвижност на десната рака по страшниот судир во рели-трка во Италија во февруари 2011, по што се стави крај на неговата Ф1 кариера, иако тој возеше и во рели-шампионатот и во други автомобилистички серии.

Кубица имаше импресивен тест со болид од 2012 година во Валенсија во јуни, по што се зголемија шпекулациите дека Рено го сака како замена за Џолион Палмер во својот Ф1-тим.

Според Би-Би-Си, шефовите на Рено се возбудени од можноста за кам-бек на Кубица, но остануваат скептични за неговата способност за кам-бек поради ограничувањата со повредата на раката. Кубица претходно возеше во тимот на БМВ Заубер и Рено, и беше сметан за еден од најталентираните Ф1-возачи со Фернандо Алонсо, Луис Хамилтон и Себастијан Фетел.

„Знам што можам да направам зад волан на Ф1 болид по првиот ден тестирање. Чувството е добро и тоа не го очекував. Ми олесна што можам да го правам тоа физички, бидејќи довербата никогаш не ја загубив. Ако добијам шанса, ќе го дадам мојот максимум, ако не, ќе барам нешто друго“, вели Кубица.

Најново во Авто-мото