НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА НАЈМАЛИОТ ФОРМУЛА 1 ТИМ

Мејнор Рејсинг во стечај!

Формула 1 може да остане без еден од своите 11 тимови, откако беше објавено дека Мејнор Рејсинг, најмалиот Ф1 тим е во стечај неколку недели пред стартот на зимското тестирање

објавено: 6 јануари 2017 - 18:20

„ФПР Адвајзори“, компанијата која е стечаен управник на „Џаст рејсинг сервисис“, фирмата која го води Мејнор, потврди дека е потребно да се најдат инвеститори многу наскоро ако тимот сака да се натпреварува во 2017 година.

„Учеството на тимот ќе зависи од исходот на процесот на стечај и преговорите со заинтересираните странки, со што има мала можност за оптимизам“, се вели во соопштението на компанијата.

Во соопштението се додава дека сите 212 членови на тимот во седиштето во Банбјури се исплатени до крајот на 2016 и дека никој не е отпуштен.

Мејнор имаат историја на финансиски проблеми. Британскиот бизнисмен Стивен Фицпатрик го „спаси“ тимот откако беше во стечај меѓу сезоните 2014 и 2015, кога тимот беше познат како Марусја. Мејнор имаа надежи за финансиска инјекција откако со поенот на Паскал Верлајн на Австриското ГП беа позиционирани на 10. место во генерален пласман, пред Заубер да освои поени на драматичната трка во Бразил и да ги постави на 11. место, кое не носи бонус пари.

„Беше многу важно тимот да заврши на 10. место или подобро во 2016. Во поголемиот дел од сезоната бевме во таква позиција, но нашите надежи беа уништени“, вели Фицпатрик.

Најново во Авто-мото