ПО НЕУСПЕШНИТЕ ПРЕГОВОРИ ВО МОНЦА

Мекларен и Хонда пред „развод“

Несреќното партнерство на Мекларен со Хонда е сè поблиску до „развод", ако се верува на шпекулациите по Италијанското ГП, каде што тимот повторно издржа големи казни на стартот, слаби перформанси и никаква шанса за освојување поени

објавено: 4 септември 2017 - 09:30

Шпанецот Фернандо Алонсо и белгискиот дебитант Штофел Фандорне се откажаа во ден кој го опишаа како „крајно разочарувачки“. Алонсо стартуваше со казна од 35 места, а Фандорне со 25 места поради промена на моторите.

„Талентот на нашите возачи блесна и се надевавме на позитивен резултат и покрај проблематичното попладне. Повторно, останавме разочарани“, изјави тркачкиот директор на тимот, Ерик Булие.

Според добро информираните во Монца, најверојатно постои договор кој ќе биде официјализиран за две недели пред Сингапур ГП. Хонда ќе се „префрли“ на Торо Росо, додека Рено ќе биде снабдувач на мотори на Мекларен. Вака, Мекларен би добил мотор кој веќе има победа оваа сезона со Ред Бул, нешто што ќе биде доволно да се убеди двократниот шампион Фернандо Алонсо да остане барем уште една сезона. Алонсо има фантастична соработка со Рено, бидејќи со нивниот фабрички тим освои титули во 2005 и 2006 година.

Најново во Авто-мото