НАЈЛОШО ЧУВАНАТА ТАЈНА ВО ФОРМУЛА 1 СЕ ПОТВРДИ

Мерцедес го потврдија Ботас, Маса се враќа во Вилијамс

Формула 1 шампионите, Мерцедес го потврдија Валтери Ботас како тимски колега на Луис Хамилтон во 2017, откако претходно Вилијамс објавија дека Ботас заминува во „Сребрената стрела", а во тимот се враќа Фелипе Маса, кој се пензионираше на крајот на сезоната

објавено: 16 јануари 2017 - 15:55

Со ова се потврдија шпекулациите за колегата на Луис Хамилтон во 2017 година, по шокантната одлука на светскиот шампион Нико Розберг да се пензионира по освојувањето на трофејот. Финецот Ботас се уште нема победа во своите 78 трки во Ф1, но 27-годишниот возач е искусен возач кој е ценет во спортот по четирите добри години со Вилијамс.

Вилијамс во исто време потврдија дека бразилскиот ветеран Маса ќе вози барем уште една година заедно со канадскиот тинејџер Ленс Строл.

„Валтери доби голема шанса во текот на зимата и му посакувам сè најдобро во Мерцедес. Јас пак, добив шанса да им помогнам на Вилијамс во новата сезона и мислам дека тоа е исправна одлука“, вели Маса.

Во исто време, се реши иднината и на јуниорскиот возач на Мерцедес, Германецот Паскал Верлајн, кој ќе вози за тимот на Заубер покрај Швеѓанецот Маркус Ериксон. 22-годишниот Верлајн минатата година дебитираше во тимот на Мејнор.

„Среќен сум што добивам шанса да бидам дел од Заубер во новата сезона. Предизвик е да се оди во нов тим и ова е почеток на новата авантура. Се надевам на пласман во средината. Благодарност до Заубер за оваа шанса, но и до Мерцедес за поддршката“, вели Верлајн.

Најново во Авто-мото