ФИНЕЦОТ ОСТАНУВА ВО „СРЕБРЕНАТА СТРЕЛА“

Мерцедес, конечно, го потврди Ботас за 2018

Тимот на Мерцедес, по низа одложувања, конечно, го продолжи договорот на Финецот Валтери Ботас и за 2018 година

објавено: 13 септември 2017 - 15:11

Ботас дојде во „Сребрената стрела“ како замена за светскиот шампион Нико Розберг, кој ги шокираше сите откако се пензионираше пет дена по освојувањето на првата титула. Финецот има две победи оваа година и се вклопи добро во тимот покрај Луис Хамилтон и се веруваше дека продолжувањето е само формалност.

„Му дадовме на Валтери голем предизвик оваа година - да дојде во тимот во последен момент и да биде колега со најдобриот возач во Формула 1. Затоа неговите резултати се уште поимпресивни“, вели шефот на тимот Тото Волф.

Сепак, Ботас добива само едногодишен договор, со што Мерцедес остануваат во игра на пазарот на возачи во 2019 година.

„Почестен сум и горд што ќе продолжам да работам со Мерцедес во 2018 година и ќе бидам дел од семејството. Заедно ќе бидеме посилни во 2018 година“, вели Ботас.

Најново во Авто-мото