СЕМЕЈСТВОТО УШТЕ НЕ СЕ ОТКАЖАЛО

Надежта за Шумахер ќе се бара во Америка?

Михаел Шумахер може да се пресели во САД, каде што специјалисти за повреди на мозокот можат дадат нова надеж за седумкратниот светски шампион

објавено: 20 септември 2017 - 16:50

Шумахер се наоѓа во неговиот дом во Швајцарија по несреќата на скијање во декември 2013 година по која доби сериозни повреди на мозокот. Околу состојбата на 48-годишниот Германец има многу шпекулации бидејќи семејството ја чува неговата приватност и не дава никакви информации за неговото здравје.

Според германскиот магазин „Браво“, бидејќи состојбата на Шуми е уште „слаба“, неговата сопруга Корина побарала помош во САД. Магазинот тврди дека Шумахер може да се пресели во Далас, Тексас, каде што семејството има мала фарма на крави. Таму би работеле со специјалист за повреди на мозокот Марк Викс, кој има мала клиника.

„Имаме големо искуство со пациенти со голема траума. Во Европа нема клиника во која поминуваат толку пациенти како кај нас“, изјави Микс.

Ако веста е точна, тоа значи дека состојбата на Шумахер не се подобрува, но од друга страна добро е да се знае дека уште постои надеж.

Единствен член на Ф1-семејството кој имаше шанса да го посети Михаел Шумахер е неговиот поранешен шеф од Ферари, а сега претседател на ФИА, Жан Тод. Но, тој никогаш не објави како е Шумахер. Минатата година имаше коментари дека состојбата на Шумахер е лоша од поранешниот претседател на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, но тие подоцна беа демантирани од семејството.

Најново во Авто-мото