ГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА ТРКАТА ВО МАЛЕЗИЈА

НИ ХАМИЛТОН, НИ ФЕТЕЛ: Победа на Ферстапен за прослава на 20 роденден!

Возачот на Ред Бул ја оствари втората победа во кариерата откако беше најбрз на Големата награда на Малезија, и тоа на својто 20 роденден...

објавено: 1 октомври 2017 - 11:09

Големо славење на Ред Бул во Сепанг. Макс Ферстапен е сензационалниот победник на трката за ГН на Малезија откако извозе најдобро пред конкуренцијата.

Втор беше топ-фаворитот Луис Хамилтон во болидот на Мерцедес, а како трет заврши неговиот тимски колега од Ред Бул, Даниел Рикиардо.
Германецот Себастијан Фетел, кој стартуваше од последната позиција, се проби на високото 4. место, а после трката имаше и проблеми откако се „судри" со Ленс Строл.

Беше бесен Германецот: „Ова не е можно, воопшто не гледаше каде оди" - искоментира Фетел.

Уште поголем малер му се случи на Кими Раиконен, кој поради технички проблеми на болидот мораше да се повлече пред стартона трката во Сепанг, на која требаше да почне од втората стартна позиција.

„Не знам што точно се случи, прерано е да се каже. Никој во тимот не работеше нешто погрешно. Болидот работеше совршено во саботата. Проблемите дојдоа одеднаш. Нема виновник, но ова е разочарувачки"- констатираше дури и мирно Финецот.

Со оваа победа Ферстапен сега е на шестото место во генералниот поредок кај возачите.
Претходната победа ја реализираше во мај минатата година.
Затоа пак Луис Хамилтон ја зголеми својата предност во однос на Фетел. Британецот има 281 бод, Фетел е на 247, а трет е Валтери Ботас со 222.

Најново во Авто-мото