УСПЕХОТ И ПАРИТЕ СЕ ДВЕ РАЗЛИЧНИ КАТЕГОРИИ ВО Ф1

Откако замина Фетел, профитот на Ред Бул расте!

Платата на Себастијан Фетел од 13 милиони фунти годишно го „јадела" профитот на тимот на Ред Бул, кој покажа одлични финансиски резултати по неговото заминување во Ферари на крајот на 2014

објавено: 5 ноември 2016 - 22:00

Според „Гети профитс“, тимот на Ред Бул минатата година имал покачен профит за 26% на 11.4 милиони фунти.

Фетел освои четири титули во низа за австрискиот тим, но си замина откако победничката серија заврши во 2014 по трансферот од 2.4-литарски В8 мотори на 1.6-литарски В6 турбо-хибридни мотори.

Трошоците на Ред Бул се намалиле за 11.3 отсто, со 225.5 милиони фунти расход на 235.6 милиони фунти приход, кој доаѓа од три извори: наградните фондови, спонзорство и парите на „татковската“ компанија за производство на енергетски пијалоци, Ред Бул.

Во 2015 тимот заврши само како четврти во генерален пласман, за разлика од второто место во 2014, но тоа не беше резултат на губењето на Фетел, туку на слабите перформанси на снабдувачот со мотори Рено. Лани Ред Бул постојано се закануваа со заминување од Ф1 доколку не најдат конкурентен болид и оваа година ситуацијата е подобра - со две победи тие се најсериозни конкуренти на недостижните Мерцедес.

Тимот ги зголемил трошоците за развој на болидот за 17.5 милиони фунти, на вкупно 98.3 милиони фунти. Тие исто така вработија дополнителни 36 работници, најмногу во дизајнерскиот и тркачкиот дел, со што сега имаат вкупно 730 работници за кои трошат комбинирани 70 милиони фунти. 

Најново во Авто-мото