Рено го промовираше својот болид со петтото место како цел

Откако Вилијамс и Заубер ги покажаа фотографиите на своите болиди, Рено беше третиот тим кој го промовираше новиот болид, РС17 во Лондон во вторникот

објавено: 21 февруари 2017 - 17:04

На традиционалната жолта боја на Рено, францускиот производител во својата втора сезона како конструктор ја додаде црната боја. Редизајнираното предно крило со продолжен нос, како и крило во стилот на „перка од ајкула“ се забележува и на нивниот болид, исто како на тие на Заубер и Вилијамс.

РС17 ќе биде придвижуван од новиот РЕ17 мотор, кој е сосема нов мотор откако минатогодишниот модел според францускиот производител го достигнал максималниот потенцијал.

„Целта е многу едноставна, бидејќи првпат имаме болид кој е развиван целосно од нас очекуваме да бидеме барем петти во генерален пласман. Го имаме потребниот тим, одличните возачи и организација која сега е предводена од Сирил Абитебул и Боб Дел, така што сме гладни за подиуми и успеси“, вели претседателот на Рено Спорт, Жером Стол.

Рено освои само осум поени и заврши на деветто место во 2016 година, во која фокусот беше на ангажирање на нови членови на техничкиот тим. Иако шефот Фредерик Васер си замина минатиот месец поради „различни погледи кон иднината“, Рено ги донесе Пит Мечин како шеф на аеродинамика и Сиарон Пилбим од Мекларен како технички инженер за трки.

Тимот се засили и со возачи - Нико Хулкенберг дојде од тимот на Форс Индија како замена за Кевин Магнусен (кој отиде во Хас), а Британецот Џолион Палмер доби уште едногодишен договор.

Најново во Авто-мото