ГЕРМАНЕЦОТ СОВРШЕН ЗА ПЛАНОВИТЕ НА ФРАНЦУСКИОТ ТИМ

Рено се фалат: Хулкенберг е мотиватор и лидер

Шефот на Рено Ф1, Фредерик Васер е пресреќен што тимот успеал да го обезбеди Нико Хулкенберг како возач, додавајќи дека неговите лидерски и мотивациски способности се главната причина за новиот договор

објавено: 17 октомври 2016 - 20:35

И покрај тоа што имаше уште една година од договорот со Форс Индија, Хулкенберг минатата недела потпиша повеќегодишен договор со Рено. Со ова, 29-годишниот Хулкенберг, конечно, добива шанса да се покаже во фабрички тим со многу ресурси и Васер е пресреќен.

„Нико е еден од возачите кои остави печат, најмногу со ГП2 титулата во неговата прва година. Само тројца возачи го остварија тоа - Нико, Нико Розберг и Луис Хамилтон. Тој успеал во било кое поле, вклучувајќи ја и трката 24 Часа Ле Ман. Тој е вистински лидер кој знае да го мотивира тимот и има искуство што ќе биде непроценливо вредно за нас. Пресреќни сме што го обезбедивме во тимот“, вели Васер.

Генералниот менаџер на тимот, Сирил Абитебул вели дека Хулкенберг доаѓа во вистинско време по тешката прва сезона како конструктор.

„Тој е искусен, но и гладен за успех. Нешто што одговара совршено на нашите планови. Ова е возбудливо време за сите нас“, изјави Абитебул.

Најново во Авто-мото