МНОГУ ВОЗБУДУВАЊА НА ГП ВО КИНА

Рикардо „доби крилја“ во Кина, Фетел е трагичарот!

Клучните моменти на трката се случија на 13 круга до крајот. Најпрво имаше судар меѓу водечките двајца, а потоа Рикардо го помина Ботас

објавено: 15 април 2018 - 09:53

Многу возбудувања, промени на водството и на крајот победа на Даниеле Рикардо, на трката за големата награда на Кина. Возачот на „Ред Бул“ најдобро се снајде и профитираше во „хаосот“ кој се случи на 13 круга до крајот. 

До тој момент, лидер на трката беше Себастијан Фетел. Возачот на „Ферари“ имаше одлично возење, но во тој „кобен“ круг, излезе од борба не само за првото место, туку и за пиедесталот. Зад Фетел беше Верстапен, кој се обиде да го помине на еден свиок. Сепак, Верстапен беше недоволно внимателен и го удри болидот на Фетел, па двајцата се извртеа. 

Тоа го искористи Валтери Ботас, кој излезе како прв, но веднаш зад него беше Рикардо. возачот на „Ред Бул“ веднаш нападна и успеа да го помине Ботас. До крајот на трката Рикардо само ја зголемуваше предноста и стигна како првопласиран на крајот, а ботас остана втор.

Место на пиедесталот имаше и за Кими Раиконен, а Луис Хамилтон заврши како четвртопласиран. Верстапен кој беше виновен за губењето на лидерското место на Фетел, на крајот заврши како петопласиран, додека трагичарот на трката Фетел, на крајот беше осмопласиран.  

Најново во Авто-мото