АВСТРАЛИЕЦОТ НЕ САКА ДА БИДЕ ВО ПОДРЕДЕНА УЛОГА

Рикијардо не сака во Ферари како втор возач зад Фетел

Даниел Рикијардо инсистира дека не би сакал да се приклучи на тимот на Ферари, ако тоа значи дека мора да биде втор возач зад Себастијан Фетел

објавено: 31 август 2017 - 21:00

Австралиецот има договор со Ред Бул до крајот на 2018, но постојано се поврзува со трансфер во Ферари по заминувањето на Кими Раиконен, по што вторпат би станал партнер на Себастијан Фетел. Пред три години, Рикијардо доминираше над четирикратниот светски шампион, но Фетел е јасниот број 1 во тимот на Ферари, и Рикијардо не сака да влезе во таква ситуација.

„Искрено, не сум размислувал толку однапред, но ако преговараш со некој тим прво сакаш да бидеш еднаков со тимскиот колега. Верувам дека сум во позиција со која треба да се борам со најдобрите. Ако треба да бидам втор возач зад некого, нема да одам таму. Секако, Себ е среќен со својот тимски колега сега. Тоа им е јасно на сите“, вели Рикијардо.

Фетел неодамна потпиша тригодишен договор со тимот од Маранело и ќе биде партнер на Раиконен барем уште една година по обновувањето на договорот на Финецот.

 

Најново во Авто-мото