СВЕТСКИОТ ШАМПИОН ВЕРУВА ВО СВОЈОТ ПОРАНЕШЕН ТИМ

Розберг: Ферари нема да издржат во борбата со Мерцедес

Актуелниот шампион Нико Розберг верува дека Мерцедес на крајот ќе бидат победници во тесната битка со Ферари

објавено: 10 август 2017 - 15:50

Розберг, кој се повлече од Формула 1 само пет дена откако ја освои својата прва светска титула, вели дека е интересно да се гледа битката на титаните, но верува дека неговиот поранешен тим ќе биде победник.

„Ферари завршија одлична работа во текот на зимата, но сега на сила влегува трката во развивање на болидот. Тешко ми е да поверувам дека Ферари ќе издржи. Уште по Силверстоун мислев дека е готово, но Ферари се вратија во Унгарија. Спа повторно е права патека за Мерцедес и тешко е да се верува дека Ферари ќе имаат шанса“, вели Розберг во интервју со „Спорт билд“.

Германецот, сепак, признава дека возачите на Мерцедес имаат сериозен противник во Себастијан Фетел, кој иако покажа дека паѓа во жештината натркањето како во Баку, е човек со победнички менталитет.

„Знаеме дека некогаш не ги контролира емоциите, но неговата подготвеност да ги сноси последиците исто така е и негова сила. На кратки патеки тоа можеби е слабост, но кога возиш со тој интензитет цела година тоа е предност. Неговиот основен карактер е победнички“, вели Розберг.

Најново во Авто-мото