ИАКО НЕГОВИОТ ПОРАНЕШЕН ШЕФ СМЕТА ПОИНАКУ

Розберг не ни помислува на кам-бек

Актуелниот светски шампион во Формула 1, Нико Розберг ги отфрли коментарите на неговиот поранешен шеф, Тото Волф, кој посочи дека Германецот може да се врати во блиска иднина и тоа со Ферари

објавено: 14 јуни 2017 - 22:35

Розберг се повлече од спортот неколку дена откако ја освои својата прва (и единствена) Формула 1 титула во директна битка со колегата од Мерцедес, Луис Хамилтон, по што „Сребрената стрела“ мораше да најде замена во Валтери Ботас. Тогаш тој посочи дека сака да поминува повеќе време со семејството и додаде дека битката со Хамилтон го „исцрпила“.

Но, во Канада, Волф посочи дека е можно тој да се врати.

„Не би бил изненаден доколку го смени мислењето за една година и се појави во Ферари. Или во некој друг тим“, изјави Волф.

31-годишниот Германец вели дека нема шанси за такво нешто.

„Не, јас навистина завршив со мојата Формула 1 кариера. Среќен и горд сум на моите резултати и на кариерата. Тоа ме исполнува, но веќе е во минатото и сакам нови работи“, вели Розберг.

Најново во Авто-мото