ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО МЛАДИОТ ШПАНЕЦ

Саинц да не ја „гризе раката која го храни“

Карлос Саинц Јуниор доби предупредување од шефовите на Ред Бул дека има договор со Торо Росо за 2018 година и дека се однесува „неблагодарно"

објавено: 7 јули 2017 - 21:00

Советникот на Ред Бул, Хелмут Марко го предупреди возачот на Торо Росо, Карлос Саинц дека не треба да ја „гризе раката која го храни“, откако шпанскиот возач во четвртокот изјави дека главниот приоритет му е место во Ред Бул, но дека не планира во 2018 да биде уште една сезона со јуниорскиот Торо Росо тим оценувајќи дека може да заврши во друг тим.

Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер вели дека Саинц сигурно останува во тимот од Фаенца.

„Ја искористивме опцијата, така што тој е под договор. Имаме опција и за 2018 година, така што ќе биде во Торо Росо. Малку е неблагодарно да зборува така, бидејќи без Ред Бул не би бил во Ф1“’, вели Хорнер.

Ниту еден возач не останал во Торо Росо четири години, но Марко вели дека „збунетиот“ Саинц треба да се фокусира на тркањето бидејќи направил неколку „смешни грешки“.

„Мислам дека е малку збунет. Тоа може да се види и во неговото возење. Договорот е кристално јасен. Во Австрија велиме ’не ја гризете раката која ве храни’. Токму г-динот Дитрих Матешиц инсистираше да му дадеме шанса на Саинц во Торо Росо, бидејќи никој не го сакаше“, вели Марко.

Најново во Авто-мото