ШОКАНТНИ ПРОМЕНИ ЗА КОМПЛЕТИРАЊЕ НА СЛИКАТА ЗА 2018

Саинц во Рено, почнува домино-ефектот?

Угледниот англиски магазин „Аутоспорт", објави дека Карлос Саинц се согласил за трансфер во Рено, потег кој ќе има домино-ефект и кој на крајот ќе донесе тимот на Мекларен да користи мотори на Рено од 2018 година

објавено: 9 септември 2017 - 21:45

Иако уште нема никакви јавни вести за „разводот“ на Мекларен со јапонскиот гигант Хонда, „игрите зад кулиси“ го направија своето. Повеќе високи извори од Рено потврдија дека Саинц доаѓа во нивниот тим како дел од договорот, Торо Росо да добие предвремен раскин на договорот со Рено, и од следната година да користи мотори на Хонда. Со ова се овозможува Мекларен да добие конкурентни мотори од Рено за 2018, а Хонда, сепак, да остане во спортот.

Според „Аутоспорт“, иако договорот е за 2018 година, Саинц би можел да дебитира за новиот тим веќе на Малезиското ГП, ако Рено реши да го отпушти Британецот Џолион Палмер. Доколку ова се случи, тој најверојатно ќе биде заменет од Пјер Гасли во Торо Росо.

За следната година во Торо Росо, главен кандидат станува јуниорскиот возач на Хонда, Јапонецот Нобухару Мацушита, кој настапува во Формула 2 шампионатот.

Најново во Авто-мото