ИТАЛИЈАНСКИОТ ТИМ РАБОТИ НАПОРНО

Само два дена одмор за Божиќ во Ферари!

Тимот на Ферари работи најнапорно досега за да стигне до успех во 2017 година, тврди претседателот на компанијата Серџо Маркионе

објавено: 10 јануари 2017 - 19:30

Канаѓанецот со италијанско потекло беше пофален од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп поради одлуката на Фиат-Крајслер да отвори две фабрики вредни 1 милијарда долари во Мичиген и Охајо. Меѓутоа, Маркионе, кој исто така е претседател и на Ферари, реши да се фокусира на нивниот Ф1 тим.

„Момците се неуморни. За Божиќ имаа само два дена одмор. Развојот на болидот оди добро, моторот функционира совршено на ’клупа’. Но, прерано е да се радуваме бидејќи успесите треба да се потврдат на патека“, вели Маркионе.

Тој признава дека на стартот на 2016 не требал да прогнозира победи и борба за титулата, додавајќи дека спортот е прекомплексен.

„Мојата грешка беше што интервенирав предоцна во тимот, но тоа беше од почит. Ги оставив да работат. Да влијаев во 2015 можеби работите ќе се одвиваа поинаку. Нашата работа во 2017 не зависи од Мерцедес или од другите тимови. Тоа зависи само од нас!“, вели Маркионе.

Најново во Авто-мото