МЛАДИОТ КАНАЃАНЕЦ ВЕЛИ ДЕКА ЗАСЛУЖУВА ДА БИДЕ ВО Ф1

Строл: Покажав дека не сум тука само поради парите

Ленс Строл вели дека неговите перформанси во последните трки покажуваат дека тој не е во спортот само поради парите на неговиот татко

објавено: 10 август 2017 - 21:00

Во 2016 година, милијардерот Лоренс Строл плати голема сума пари за Вилијамс за неговиот 18-годишен син да добие место за оваа сезона, и дебито не помина најдобро. Тој во првите трки или се судираше или беше далеку зад ветеранот Фелипе Маса, меѓутоа на домашното ГП во Монтреал ги обезбеди првите поени, пред една трка подоцна да биде на подиумот во Азербејџан.

„Морав да ги тргнам на страна сите обвинувања бидејќи тоа не беа факти. Не сум тука да докажувам нешто на некого, туку да работам за мојот тим. Не сакам да покажувам нешто, бидејќи знам дека сум тука поради мојот квалитет. Сега сум најмладиот дебитант на подиумот и тоа е големо остварување. Резултатите зборуваат сами“, вели Строл.

Тој признава дека тоа што доаѓа од богато семејство му помогнало и дека парите на неговиот татко се главната причина што дојде во Ф1, но додава дека работел напорно да стигне до ова ниво.

„Знам зошто сум тука и не можам да ја демантирам реалноста. Имав одлична шанса да раснам со работи кои другите луѓе ги немаат. Имав доволно средства да се преселам во Европа и да работам на кариерата. Но, освојував титули во Формула 4, во Формула 3 и работев напорно за тој успех“, вели Строл.

Најново во Авто-мото