„ЈУНИОРСКИОТ“ РЕД БУЛ СО МНОГУ ПРОМЕНИ

Торо Росо со нов изглед

Торо Росо беа последниот Ф1 тим кој го откри својот болид за 2017, откако беше претставен новиот СТР12 болид во нови бои во Барселона

објавено: 26 февруари 2017 - 19:08

Болидот, кој веќе дебитираше на патека во Мизано минатата недела, има целосно нов изглед. Наместо бои кои наликуваат на „големиот“ Ред Бул, овојпат има светло сина и црвена шасија, во бои на „Симпли кола“ брендот на австриската компанија.

Покрај новиот изглед, Торо Росо ќе користат и нов мотор оваа година, бидејќи тимот од Фаенца кој претходно беше познат како Минарди, се враќаат на мотори на Рено откако лани користеа една година стари мотори на Ферари.

СТР12 е дизајниран од тимот предводен од Џејмс Кеј и ги има сите препознатливи делови кај овогодишните болиди - перка како ајкула, спуштен нос и широки задни крила.

Болидот ќе биде возен од Карлос Саинц Јуниор и Данил Квјат. Шпанецот ја започнува третата сезона во тимот, додека Русинот Квјат лани на половина сезона се врати во јуниорскиот тим од Ред Бул.

Најново во Авто-мото