ВО МЕРЦЕДЕС СЕ СВЕСНИ ЗА ПРОМЕНЕТАТА СИТУАЦИЈА

Волф: Боли да се признае, но Ферари се фаворити

Шефот на Ф1-тимот на Мерцедес, Тото Волф вели дека мора да признае дека ривалите Ферари се први фаворити за светската титула оваа година

објавено: 6 јуни 2017 - 16:40

Себастијан Фетел победи на три од првите шест трки од сезоната и пред Канадското ГП овој викенд има 25 поени предност пред Луис Хамилтон во Мерцедес.

„Боли, но ние не сме фаворитите за титулата оваа година. Во моментов, тоа се Ферари. Мораме да го кренеме нивото на работата и да покажеме дека сме тим кој мора да се победи“, вели Волф.

Иако Мерцедес засега се најбрзи на еден круг (што е добро за квалификациите), но во трката имаат многу проблеми, посебно со менаџирањето на гумите. Хамилтон има две победи, во Кина и Шпанија, а неговиот колега Валтери Ботас победи во Русија.

„Реалноста на ситуацијата е таква. Мораме да се бориме за секоја победа, секоја пол-позиција ис екој поен. Веќе не можете со сигурност да очекувате да ги видите Мерцедес на врвот. Имаме силен болид, со кој победивме трипати во првите шест трки, но со многу повеќе компликации од претходно. Сите во фабриките во Англија и Германија работат на решавањето на проблемите, вели Волф.

Најново во Авто-мото