ВОЗАЧИТЕ ПОЧНАА ДА ПРАВАТ ПРОГНОЗИ ЗА 2017

За Хамилтон, Ферари се најопасни, за Алонсо, тоа се Ред Бул

По пет дена тестирање на патеката Каталуња покрај Барселона, возачите имаа можност да оценат кој го има најбрзиот болид и кој ќе го има најбрзиот болид на стартот на сезоната во Мелбурн

објавено: 7 март 2017 - 19:30

Трикратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон смета дека први фаворити пред стартот на новата сезона мора да бидат ривалите од Ферари, а не неговиот доминантен тим, трикратниот шампион Мерцедес.

„Не, ние не сме фаворити, мислам дека тоа се Ферари. Не смееме да се опуштиме бидејќи во моментот вршат одлична работа. Ред Бул се исто така силни, но ќе видиме во следните недели кој ќе биде најсилен во Австралија. На прв поглед, Ферари се најбрзи, а ние сме втори, заедно со Ред Бул“, објаснува Хамилтон.

Фернандо Алонсо верува дека најголема закана за 2017 година е тимот на Ред Бул, бидејќи тие ќе се појават во Австралија со болид кој воопшто нема да наликува на тој со кој тестираат во Барселона. Ред Бул не успеа да постави најбрз круг на досегашните пет дена тестирање, а првата недела имаа само петто најдобро време со скромни 372 извозени кругови.

„Тимот од кој најмногу се плашам е Ред Бул. На крајот на краиштата, ова се само тестови. Не сме виделе ништо од Ред Бул. Се уште. Тие секогаш го прават тоа, и во Австралија ќе имаат некој сосема поинаков болид. Не сакам да предвидувам колку ќе биде тешко да се победат Мерцедес бидејќи ова не е фудбал“, вели Алонсо

 

Најново во Авто-мото