НА Ф1 И Е ПОТРЕБЕН „ЛИК“ КАКО МОТО ГП „ДОКТОРОТ“

Занарди: Мерцедес треба да го земат Роси!

Поранешниот Формула 1 возач и шампион од ЦАРТ серијата, Италијанецот Алекс Занарди вели дека тимот на Мерцедес треба да ризикува и да го замени Нико Розберг со Мото ГП легендата, Валентино Роси

објавено: 10 јануари 2017 - 18:30

Трикратните шампиони уште одлучуваат за второто место покрај Луис Хамилтон откако светскиот шампион Розберг шокантно се повлече неколку дена по освојувањето на титулата. Се верува дека возачот на Вилијамс, Валтери Ботас е нивниот избор.

Занарди, кој стана повеќекратен параолимписки шампион откако ги загуби своите нозе при страшниот судар во ЦАРТ трка во Лаусицринг во 2001, верува дека неговиот сонародник Роси е совршен за Формула 1 поради неговата енормна популарност.

„Да, ова можеби не е најлогичниот избор од спортски аспект, меѓутоа, тоа ќе биде совршен начин Ф1 да добие повеќе на звучност и да го поправи имиџот, посебно кај ТВ-гледачите“, вели Занарди, кој имаше 41 старта во Ф1 за Џордан, Минарди, Лотус и Вилијамс од 1991 до 1999 година.

37-годишниот Роси неодамна призна дека бил блиску до трансфер во Формула 1 откако тестираше за Ферари неколку пати на почетокот на 2000-тите.

Најново во Авто-мото