ДУКАТИ ПОВТОРНО ПОБЕДИЈА НА АВСТРИСКОТО ГП

Довициозо го „стопираше“ Маркез во Шпилберг

Летната „низа" од Мото ГП трки продолжи во Австрија овој викенд, за Андреа Довициозо да го „издржи" камиказе-кругот на Марк Маркез и да го победи за да му се доближи во генерален пласман

објавено: 13 август 2017 - 15:08

Довициозо стигна до трета победа за него и за Дукати оваа сезона за да осигура дека ќе остане во игра за титулата, по фантастичниот дуел во последниот круг со Маркез.

Довициозо и Маркез избија на врвот по хаотичното отварање на трката за на крајот Италијанецот да го победи Шпанецот за само 0.176 секунди и покрај очајниот обид на Маркез во последната кривина. Подиумот го комплетираше колегата на Маркез, Дани Педроза откако се бореше за позиција во текот на целата трка, поминувајќи ги Валентино Роси и Јохан Зарко во еден обид. Лоренцо заврши како четврти пред Зарко и двоецот на Јамаха, Маверик Вињалес и Валентино Роси, кои имаа лош старт на трката и просечен финиш.

Со победата, Довициозо се доближи на 16 поени до Маркез во генерален пласман, додека има и осум поени предност пред Вињалес.

Маркез остана на првото место од пол-позицијата на стартот, но немаше одговор за брзината на рамните делови на Дукати и беше поминат од Хорхе Лоренцо. Шпанецот го помина Довициозо на првата кривина и Маркез на рамниот дел преземајќи ја контролата на трката. Маркез успеа да го остави Довициозо зад него, но Лоренцо избега повеќе од една секунда.

До осмиот круг, Маркез беше доволно блиску да го врати водството со обид за претекнување, но направи грешка и заврши на третото место зад Довициозо. Меѓутоа, тоа беше само привремена „сопка“ за шампионот. Маркез наскоро беше втор и повторно го помина и Довициозо и Лоренцо. Од тој момент, брзината на Лоренцо ја снема, а Довициозо остана во десетинки од секундата на Маркез и го помина во 18. круг. Двајцата повеќе пати го менуваа водството, но пред  крајот Довициозо беше прв.

МОТО ГП

1.Андреа Довициозо (Ита) - Дукати Тим 39:43.323

2.Марк Маркез (Шпа) - Репсол Хонда +0.176

3.Дани Педроза (Шпа) - Репсол Хонда +2.661

4.Хорхе Лоренцо (Шпа) - Дукати Тим +6.663

5.Јохан Зарко (Фра) - Монстер Тех 3 Јамаха +7.262

ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН

1.Марк Маркез (Шпа) - Репсол Хонда 174

2.Андреа Довициозо (Ита) - Дукати Тим 158

3.Маверик Вињалес (Шпа) - Мовистар Јамаха 150

4.Валентино Роси (Ита) - Мовистар Јамаха 141

5.Дани Педроза (Шпа) - Репсол Хонда 139

 

Најново во Авто-мото