НОВ УСПЕХ НА НАШИОТ МОТОЦИКЛИСТ

Ечи македонската химна во Бугарија, Бузалковски повторно со победа!

Викендов се возеше петтата трка од БМУ ЕВРОПСКИОТ шампионат во брзински моторциклизам,каде што се натпреварува и нашиот најмлад натпреварувач Христијан Бузалковски, од Ендуро Тим Водно – Скопје.

објавено: 4 јуни 2018 - 14:30

Викендов се возеше петтата трка од БМУ ЕВРОПСКИОТ шампионат во брзински моторциклизам,каде што се натпреварува и нашиот најмлад натпреварувач Христијан Бузалковски (Ендуро Тим Водно – Скопје).

Тој викендов дојде до уште една победа и ја остави конкуренцијата далеку зад себе,со предност од 16 секунди,тој ја прокнижи и 4тата победа од досега извозените 5трки,и е на врвот на табелата! До крајот на шампионатот остануваат уште 7 трки,и се надеваме дека Бузалковски ќе прокнижи уште победи на неговото конто,и ке дојде до насловот оваа година!

Петмина наши натпреварувачи по пеколно жешко време на патеката Плевен викендов си ги одмерија силите во три класи во БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Христијан Бузалковски (МК Ендуро Тим - Водно Скопје) настапи во класите SP125 и F600, а во класата F1000 имавме 4 претставници: Слободан Ивчески (МК Сакамото), Игор Спиров - Зизи (МК Ендуро Тим - Водно Скопје), Сашо Николов - Тумац (МК Мотори) и Благоја Мартиновски (МК Ендуро Тим - Водно Скопје).

Бузалковски извозе одлична трка во класата SP125, едноставно конкуренцијата од 10 мотори не беше ни приближно на нивото на кое беше нашиот натпреварувач. Разликата во силите најдобро се покажа по првите квалификации во кои Бузалковски имаше предност од 5,3 секунди пред вториот. Од почеток до крај на трката тој возеше одлично па иако на момент ја препушти првата позиција воопшто не претставуваше проблем за него да се врати на чело од колоната и во Плевен да дојде до уште една победа во сезоната.

Во класата F600 тој настапи во конкуренција на 15 возачи. Ова беше прва извозена трка за него во оваа класа, иако до сега на календарот изминаа вкупно 5. Тој имаше проблем со машината на првата трка во Серез оваа година, па иако имаше фантастичен резултат на квалификациите остана без пласман. Дефектот на моторот не му дозволи да настапи ниту на втората трка, а од истата причина ги пропушти и двете трки кои се возеа во Романија. За Бузалковски ова беше прва трка во класата F600 и притоа тој финишираше на одличното 9-то место.

Во класата F1000 во конкуренција на 16 возачи нашите натпреварувачи за жал не успеаа да дојдат до подиумот. Најблиску до тоа беше Слободан Ивчески кој заврши на четвртата позиција, Игор Спиров беше осми, а Благоја Мартиновски 12-ти. Сашо Николов заради проблеми со моторот не ја заврши трката.

Ивчески кој е актуелен шампион во класата F1000 имаше четврто време на квалификациите, за жал не успеа да го подобри резултатот и да дојде до подиумот. По стартот на трката водечката тројка по првиот свиок се одвои од останатите, а Бојко Божинов од Бугарија едноставно беше без конкуренција и дојде до нова победа. Ивчески возеше одлично, успеа да се одвои од „гужвата" но тоа едноставно не беше доволно за да дојде до третата позиција.

Сашо Николов, од кого се очекуваше да се вмеша во борбата за пиедесталот стартуваше од петтата позиција но по само 2 круга мораше да се повлече од трката заради проблеми со мотоциклот. Тој на сите сесии беше во првите 6 возачи но со мало заостанување зад водечките па затоа и публиката очекуваше интересна битка за челните позиции помеѓу тројцата возачи од Бугарија (Божинов, Марков и Стаменов) и тројцата од Македонија (Ивчески, Николов и Спиров) кои беа на првите 6 стартни позиции.

За Игор Спиров кој е актуелен вице-шампион во оваа класа ова беше прва трка во сезоната. Тој имаше солиден настап на квалификациите кога дојде до шестата позиција иако се соочуваше со проблеми со кочницата на неговиот мотор. На самата трка проблемот со кочницата повторно се појави па осмото место кое го освои е за секоја пофалба.

Благоја Мартиновски за прв пат настапи на патеката во Бугарија, а воедно ова за него беше и прва трка во сезоната. Тој прикажа солиден напредок од сесија во сесија, на квалификациите беше 15-ти, а на трката заврши на 12-та позиција.

Следната рунда се вози на 7 и 8. јули на патеката Серез во Грција, две трки кои ќе се бодуваат и за Македонскиот шампионат во брзински мотоциклизам.

Најново во Авто-мото