ЛОШИ ВЕСТИ ОД ИТАЛИЈА

Хајден има сериозно оштетување на мозокот

Ники Хајден, Мото ГП шампионот од 2006 година, доживеал сериозно оштетување на мозокот по сообраќајната несреќа, потврдија од болницата во Чезена

објавено: 18 мај 2017 - 18:55

Американецот останува во медицински индуцирана кома во болницата „Буфалини“ во Чезена откако во средата беше удрен од автомобил додека возел велосипед во близината на Римини. Во објавата на болницата тие потврдија дека ситуацијата е екстремно критична и прогнозата останува неодредена.

Свршеницата на Хајден, Џеки останува покрај него, а веќе и се приклучија неговата мајка Роуз и постариот брат Томи, кои дојдоа од САД.

Легендата на Мото ГП и негов добар пријател, Валентино Роси, исто така призна дека работите кои ги слушнал не се најдобри.

„Многу, многу лоши вести. Веднаш зборував со моите пријатели доктори и тие ми потврдија дека ситуацијата е тешка. Ники е голем возач, голем шампион, но и многу добар човек. Доаѓа од семејство на тркачи, од неговиот татко до неговите двајца браќа. Секогаш добар, секогаш насмеан. Се надеваме на најдоброто“, изјави Роси.

Најново во Авто-мото