БМУ ЕВРОПСКИ ШАМПИОНАТ ВО БРЗИНСКИ МОТОЦИКЛИЗАМ

Ивчески е eвропски шампион, Бузалковски и Спиров - вицешампиони!

На 12. и последна трка од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам, Македонија беше претставувана од тројца возачи...

објавено: 30 октомври 2017 - 11:30

На 12. и последна трка од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Македонија беше претставувана од тројца возачи...

Во класата SP125 настапи Христијан Бузалковски (МК Ендуро Тим - Водно Скопје), а во класата F1000 со уште двајца претставници, Слободан Ивчески (МК Сакамото) и Игор Спиров (МК Ендуро Тим - Водно Скопје).

Во класата SP125, трката започна со водство на Бузалковски по стартот но Милен Георгиев успеа да дојде до првата позиција веќе во првиот круг и истата ја задржа до самиот крај. На крајот Бузалковски мораше да се задоволи со втората позиција, но тоа значеше и фантастично второ место во генералниот пласман во кој Милен Георгиев ја освои титулата. Дел од трките се бодуваа и за Бугарскиот национален шампионат, а таму Бузалковски беше неприкосновен.

Во класата F1000 двајцата наши претставници беа во игра за челните позиции. Игор Спиров победи на саботната трка, а Ивчески доживеа пад но за среќа продолжи и финишираше на 10. позиција. Распоредот на неделната трка кога како организатор се појавува Романската мото федерација се базира на најдоброто време од саботната трка, наместо според позицијата на крајот од трката. Така нашите возачи имаа изменет старт од она што беше првично најавено па Спиров стартуваше од петтата позиција, а Ивчески од шестата.

Веднаш по стартот нашите возачи ја завземаа првата и втората позиција во конкуренција на 24 возачи, но за жал не успеаа да ги сочуваат позициите до крајот. Спиров предводеше во првите 3 круга (од вкупно 12), а потоа водечката позиција да му ја препушти на Фуркан Идгу од Турција.

Ивчески имаше неколку осцилации во позициите, па иако на моменти беше и на 10-та позиција, по половина од трката се фокусираше, возеше паметно до самиот крај и дојде до посакуваната титула во шампионатот. Спиров во втората половина од трката го попушти темпото и на крајот заврши на петтата позиција, која беше доволна за тој да стане вицешампион.

Нашите возачи не се искачија на пиедесталот на вчерашната трка, но во шампионатот се возат 12 трки, а на крајот од сезоната, Слободан Ивчески беше прогласен за нов БМУ Европски шампион во брзински мотоциклизам, а Игор Спиров -  вицешампион. 

ФОТО: мотори.цом.мк

Најново во Авто-мото