ШПАНЕЦОТ СЕ ОДВОИ КАКО ЕДИНСТВЕН ЛИДЕР ВО ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН

Маркез со нова победа, херојскиот Роси петти

Марк Маркез триумфираше на Арагон ГП трката, за негова четврта победа во последните шест трки, победувајќи го клупскиот колега Дани Педроза и Хорхе Лоренцо во Дукати, додека Валентино Роси со скршена нога стигна до петто место

објавено: 24 септември 2017 - 14:54

Маверик Вињалес беше четврти откако успеа да го помине колегата Роси во финишот на трката, додека топ 10 ги комплетираа Алекс Еспархаро, несреќниот Андреа Довициозо на седмото место, Алваро Баутиста, Јохан Зарко и Пол Еспархаро.

Маркез се опорави по падот на квалификациите за импресивна домашна победа, со што се одвои од досегашниот заеднички лидер во генерален пласман, Довициозо и сега има предност од 16 поени.

Од петтото место на стартот, Маркез имаше спорт старт, но профитираше од грешката на освојувачот на пол-позицијата Маверик Вињалес, за да избие на четвртото место зад Хорхе Лоренцо, Валентино Роси и Андреа Довициозо.

Веднаш стана јасно дека Маркез има супериорна брзина во однос на ривалите, и до шестиот круг го помина Довициозо, додека Лоренцо беше за „влакно“ пред Роси на првото место. Маркез потоа веднаш го стигна Роси, и се обиде да направи двојно претекнување на Италијанецот и Лоренцо во 9. круг. Ова беше грешка и тој повторно падна зад Довициозо, за веднаш во следниот круг да ја врати позицијата.

Два круга подоцна, Роси немаше одбрана против Маркез, а во 16. круг, Маркез успеа да го помине и Лоренцо за петта победа оваа сезона. Лоренцо потоа беше пристигнат од втората фабричка Хонда на Дани Педроза, кој ги помина Вињалес, Довициозо и Роси за од шестото место да скокне на третото. Лоренцо остана на подиумот за прв топ 3 пласман од мај, додека вистински шок беше резултатот на Роси, само 24 дена откако ја скрши десната нога.

Најново во Авто-мото