„ДОКТОРОТ“ ДОБИ ДОЗВОЛА ОД ВИСТИНСКИОТ ДОКТОР

Роси доби „зелено светло“ за Арагон

Медицинскиот тим на Мото ГП шампионатот му дозволи на Валентино Роси да се натпреварува на Арагон ГП трката овој викенд по проверката на патеката во четвртокот

објавено: 21 септември 2017 - 15:45

Роси се опоравува од скршеница на десната нога добиена на мотокрос-тренинг на крајот на август, и ја прескокна претходната трка во Мизано пред две недели. Се очекуваше дека нема да може да настапи ниту на патеката „Моторленд Арагон“, меѓутоа по тестирањето во Мизано тој реши да се обиде.

„Ова попладне Валентино Роси ја помина задолжителната медицинска проверка од главниот доктор на Моторленд, Клементе Миљан. Тој процени дека деветкратниот шампион е подготвен за акција, 21 дена по повредата на ногата. Роси ќе учествува на првата тренинг-сесија во петок“, се вели во соопштението на Јамаха.

Ова уште не значи гаранција дека 38-годишниот ветеран ќе учествува во тркачкиот викенд.

„Вистинскиот одговор ќе го добијам по првиот тренинг, бидејќи возењето на М1 мотоциклот ќе биде многу голем предизвик“, вели Роси, кој заостанува 42 поени зад заедничките лидери во генерален пласман, Марк Маркез и Андреа Довициозо.

Најново во Авто-мото