СТАРУВА РЕЛИТО ДАКАР, АВАНТУРА ДОЛГА 8.000 КИЛОМЕТРИ

Има ли јунак кој ќе ги сопре Петерхансел и Сандерленд?

Со „специјалот" од Лима до Песк во Перу ќе биде означен почетокот на 40. издание на едно од највозбудливите натпреварувања во авто-мото спортот... По десетти пат ќе се вози во пределите на Јужна Америка.

објавено: 6 јануари 2018 - 14:30

Нова година, нови возбудувања, први на ред се оние во авто-мото спортот, поточно она што со себе го носи релито Дакар.

Организаторите на најтешкото рели во светот и оваа година подготвија патека која носи вистински предизвик. Долга е преку 8.000 километри, која возачите во пет категории ќе ги вoди низ Перу, Боливија и Аргентина.
Релито стартува во перуанската престолнина, ќе трае 15 дена од кои еден е слободен, а се завршува во Кордоба.
Оној слободен ден - 12. јануари, возачите ќе го поминат во Ла Паз.

Во конкуренција на мотоциклисти, титулата ја брани Сем Сандерленд, кој вози за КТМ, фирма која доминира во последните 16 сезони.
Покрај Британецот, како фаворити се споменуваат и неговите тимски колеги Матијас Валкнер и Тоби Прајс, како и возачите на Хонда, Жоан Бареда и Пауло Гонсалеш.

Кај автомобилистите, минатата година славеше Стефан Петерхансел, кој е и рекордер според бројот на победи. Францускиот возач кој вози за „Пежо", зад себе има 13. триумфи.
Шест на мото и седум пати со автомобил.
Во „Пежо" каде после Дакар ќе биде укинат рели програмот, покрај Петерхансел, како ведети во тимот се и некогашните светски шампиони, Карлос Саинс и Себастијан Леб.
И за двајцата ова би можело да биде последно рели.
Главни ривали како и во изминатите години ќе им бидат тимовите на Тојота и на Мини. Јапонците се надеваат во успех на Насер Ал-Ати и Жиниел Де Вил, а фаворитите на Мини се Нани Рома и Мико Хирвонен.

Инаку, како што тоа беше одамна најавено, на ова рели свое деби како возач ќе има и поранешниот менаџер на Челзи и на Тотенхем, Андре Вилас-Боаш кој ќе вози „Тојота".
Возачите ќе се борат во уште три категории – камиони, квадови и теренски возила.
Првата етапа на релито Дакас ќе биде долга 272 километри за сите возачи, а од нив само 31 километар ќe биде возен во рамките на „специјалот".

Најново во Авто-мото