ДАКАР РЕЛИТО СО ЦЕЛОСНА ЕТАПА ВО БОЛИВИЈА

Леб со втора победа, Петерхансел е нов лидер

Себастиен Леб стигна до својата втора етапна победа на Дакар релито 2017, додека неговиот колега Стефан Петерхансел е нов лидер во генерален пласман

објавено: 6 јануари 2017 - 20:30

И покрај тоа што делот кој се мереше беше прекратен на половина, Петерхансел и Леб успеаја да направат доволна предност пред третото Пежо на Сирил Деспре. Петтата етапа од Тупиза до Оруро во Боливија требаше да биде тест од 447 километри, но лошото време на финишот ги натера организаторите да го поместат финишот.

Леб, кој го предаде водството во четвртокот поради проблеми со моторот, овојпат беше во контрола, водејќи на секоја мерна точка, за на крајот да има 44 секунди предност пред Нани Рома во Тојота. Петерхансел, кој имаше проблеми со навигацијата на стартот, успеа да ја заврши етапата на минута и пол зад Леб, остана пред него во генерален пласман.

Петерхансел сега има 1:09 предност пред Леб, додека Деспре со 4:54 е трет, а Рома е на четвртото место со 5:35 послабо време. Мико Хирвонен во Мини на петтото место со над 42 минути послабо време.

Во пласман на мотоцикли, Британецот Сем Сандерленд е новиот лидер откако неколку негови ривали се загубија во текот на петтата етапа. Жоан Бареда Барт, кој го загуби водството со казна од еден час поради нелегално долевање гориво, беше во добра позиција да врати дел од предноста, пред да направи погрешно свртување, а по него тргнаа и повеќе конкуренти за трофејот како Пабло Квинтањиља и Штефан Свитко.

Сандерленд и неговиот колега од КТМ, Матијас Валкнер ја избегнаа „стапицата“ и останаа на вистинскиот пат. Сандерленд стигна до третиот триумф на Дакар во кариерата и сега има 11:50 предност пред Квинтањиља, додека трет е Адријан ван Беверен во Јамаха.

Најново во Авто-мото