ВРЦ НЕМА ДОВОЛНО ПАРИ ЗА 16 ТРКИ

Нема „ширење“ на рели-календарот

Тимовите се против идејата Светскиот шампионат во рели (ВРЦ) да има поголем календар во блиска иднина

објавено: 18 мај 2017 - 21:20

Промотерот на ВРЦ, Оливер Чиесла неодамна објави дека целта е календар со 16 релија, три повеќе од сегашниот шампионат, и посочи дека трошоците ќе бидат покриени со поголемите средства од ТВ-правата.

Но, тимовите ја отфрлаат оваа можност и не се подготвени да имаат повеќе од 14 трки, а јапонскиот тим Тојота дури сака намалување на 10 трки.

За следната сезона се шпекулира со додавање на Турското или Хрватското рели, како и враќањето на Релито Нов Зеланд, меѓутоа менаџерот на Хјундаи, Алан Пенасе вели дека ова не е добра идеја.

„И порано се обидовме да имаме 16 релија, и тоа е можно да се направи. Но, тоа беше пред 10 години кога тимовите имаа повеќе пари од сега“, вели Пенасе.

Малколм Вилсон, директорот на приватниот М-Спорт тим (каде што настапува шампионот Себастиен Ожие), вели дека календарот треба да остане на 13 релија во блиска иднина, но прифаќа дека тоа е „себична одлука“.

„Најмногу поради финансиската ситуација, зголемувањето на бројот на релија не ни одговара. Ако Форд се врати како производител или ако добиеме посилен спонзор, тогаш би можеле да размислиме“, вели Вилсон.

Најново во Авто-мото