СВЕТСКИОТ ШАМПИОН ВО РЕЛИ БАРА ТИМ ЗА 2018

Ожие бара поддршка од Форд

Светскиот шампион во рели, Себастиен Ожие вели дека Форд мора да го поддржи тимот на М-Спорт за да остане во британскиот тим

објавено: 15 јуни 2017 - 22:35

И покрај тоа што ова е прва сезона со Форд Фиеста за Французинот, тој има две победи од седум релија и е лидер во генерален пласман, но за да остане во тимот, тој бара официјално враќање на Форд. Четирикратниот шампион Ожие вели дека веќе почнал да разговара со други тимови.

Ожие потпиша за приватниот тим на крајот на 2016 откако Фолскваген ја прекина рели ВРЦ програмата и покрај тоа што имаа четири титули во низа.

„Веќе размислувам за следната сезона и не е тајна дека сакам да продолжам во добар тим. Не велам дека сега сум во лош тим, но знам дека на долги патеки М-Спорт немаат ресурси да се борат против фабричките тимови. Сакам стабилност и би сакал Форд конечно да се согласат и да го поддржат тимот. Ако Форд се вратат, тогаш останувам. Тоа е мојата прва опција, но мораме да работиме. Не можам да чекам до октомври или ноември како лани“, вели Ожие.

Најново во Авто-мото