МАКЕДОНСКИОТ ВОЗАЧ СО ЗАБЕЛЕЖИТЕЛНО ВОЗЕЊЕ НА 24 ЧАСА АДРИА

Рико одлично го извозе „маратонот“ во Италија

Ристо Вуков викендов беше дел од атрактивната трка која траеше цели 24 часа 

објавено: 27 ноември 2017 - 10:00

Македонскиот возач Ристо Вуков-Рико имаше одлично возење на трката „24 часа Адриа“, која заврши викендов во Италија. Трката траеше во текот на 24 часа, а популарниот Рико, кој беше дел од тимот составен од петмина возачи, на патеката помина речиси 350 минути, односно повеќе од пет часа беше зад воланот.

Вуков беше единствениот Македонец на оваа трка на која имаше повеќе од 250 возачи од целиот свет. На крајот, тимот за кој настапи, заврши на 5 место, во трката на која имаше повеќе од 30 автомобили. Во еден дел од возењето, додека тимот на Вуков бил на второто место, автомобилот „откажал послушност“, па морало да се направи непланирано застанување. 

„Прв пат сум дел од една ваква трка и ова е едно ново одлично искуство за мене. Иако се работи за маратонска трка и навистина е напорно, јас немав проблеми. Поминав речиси 350 минути на патеката. Жалам бидејќи можевме да бидеме и на пиедесталот. Бевме и на втората позиција, кога автомобилот почна да трокира. Се работеше за проблем со електрониката и морав да застанам, да се види што е проблемот. По компјутерската проверка, беа отстранети сите грешки, но загубивме драгоцено време. На крајот завршивме како петопласирани, но тврдам дека да не беа проблемите ќе бевме меѓу првите три на крајот“, рече Вуков, кој имаше најконстантно возење од сите петмина возачи во неговиот тим. 

Вуков доби покана за настап на трката „Ibiza trophy 24 endurance", откако имаше одлични тестови на возењето минатиот месец на оваа патека, а сега покажа добри резултати и на самото натпреварување.

По завршувањето на италијанската авантура, Рико ќе се фокусира на натпреварот во шампионатот на Србија, каде се натпреварува со „Југо хибрид".

Најново во Авто-мото