ИАКО Е КРАЈ НА ЛЕТОТО

Мерцедес ја претстави С класа кабриолет (Видео)

По неколкуте скици од страна на Мерцедес, сега пред почетокот на саемот во Франкфурт германската компанија реши и он-лајн да го претстави новиот кабриолет. Станува збор за С класа кабриолет, што од страна на производителот е опишан како „најубава и најлуксузна С класа до сега"

објавено: 8 септември 2015 - 23:45

Се работи за автомобил што се базира на „С класа купе“, а главната разлика е немањето на тврд покрив, а во овој автомобил тоа е заменето со платнен трислоен склоплив покрив што ќе биде достапен во четири различни бои, во црна, темно сина, крем и темно црвена нијанса.

Иако станува збор за покрив што е со релативно голема површина, истиот ќе се спушта и ќе се подига за околу 20 секунди, и тоа при најголема брзина до 60 км/ч.

Внатрешноста исто така го следи дизајнот од купе верзијата, а може да се пофали и со нов „интелигентен“ клима систем „термотроник“, што на патниците треба да им овозможи удобно патување без оглед дали е покривот спуштен или подигнат. Овој модел нуди и нови престилки на седиштата и тапацири со различни врвни материјали, а списокот на стандардна опрема е доста богат и ја следи истата како од купе верзијата.

Кај кабриолетот посебно се истакнуваат поедини елементи кои ќе бидат интересни за купувачите. Овој модел овозможува да биде опремен со „вармт комфорт пакет“ што вклучува греење, на седишта, наслоните за рацете и управувачот, а тука е и „еар баланс“ пакетот кој патничкиот простор ќе го исполни со различни мириси во зависност од изборот на возачот. Ако мирисите многу не ве интересираат сигурно попрактично е да се одбере системот „еар кап“ односно систем за заштита од ветер, а тука е и тн. воздушен шал, односно „еарскарф“ кој ги грее вратовите на патниците.

„Влезен модел“ е „с500 кабрио“ што го покренува 4,7 литарски би-турбо В8 со сила од 455 КС и 700 Нм вртежен момент. Има 9Г троник автоматски менувач и погон на задните тркала.

Тука е и „С63 АМГ 4 матик“ што е покренуван од 5,5 литарски би-турбо В8 со сила од 585 КС и 900 Нм вртежен момент, заедно со 7 степен АМГ спидшифт МЦТ пренос. Овој систем со погон на сите тркала овозможува забрзување до 100 км/ч за 3,9 секунди, а најголемата брзина е ограничена на 250 км/ч.

Нарачките во Германија ќе почната во декември, а првите испораки се предвидени за на пролет.


Најново во Автомобили