НЕКОГАШ БЕШЕ ПОРТО, А СЕГА...

Бенфика – новата „машина" за правење пари

Досега во овој летен преоден рок „орлите" од Лисабон заработија 154.5 милиони евра од продажба на играчи.

објавено: 15 јули 2017 - 19:35

Така се работи тоа..
Порто беше познат како „број 1" во заработката. Ќе купат ефтино, ќе земат некој млад играч, па ќе го продадат за десетина милиони во поголемите европски клубови на кои полесно им е да купат отколку да направат.
Или можеби не знаат да направат како што тоа го работеа луѓето во Порто.
Сепак, се чини дека таа „слика" малку се измени во оваа година. Година во која сега доминира нивниот најголем ривал – лисабонска Бенфика.
За нешто повеќе од шест месеци „Орлите" од Лисабон продадоа играчи во вредност од 154.500.000 евра!!!
Секако, сиот тој приход нема да оди во касата на Бенфика, поради процентите и даноците, но тоа и понатаму се огромни пари кои се заработени на еден ваков трасфер-начин.


Се почна во јануари, Пари Сен Жермен се појави како „потрошувач", а Гонзало Гуедеш замина во Париз за 30.милиони евра. Таа јануарска тенденција ја продолжи Хелдер Кошта, кој за половина од првата сума премина во редовите на Вулверхемптон.
А потоа дојде ова жешко лето, и веднаш лисабонски бум на пазарот. Бенфика успеа да продаде и голман, и тоа за 40.милиони евра. Едерсон се пресели во Манчестер Сити, а како „додаток плус" беше и заминувањето на Марсал во Лион за 4.5 милиони евра. За еден лев бек и не е така лоша цена? Подобро кажано плус од два милиони евра, како „разлика во цената" кога беше купен.
Она што е исто така важно да се каже дека Бенфика има уште дефанзивци за „извоз".


Па така околу Виктор Линделоф се „врткаше" Манчестер Јунајтед, а мајсторите од „Ла Луш" преговараа полека, Ја подигнуваа цената, па на крајот овој не баш толку познат фудбалер во европски рамки отиде на „Олд Трафорд" за дури 35.милиони евра.
Последната голема продажба, која сеуште е во рамките на неофицијална. Но извесно е дека наскоро и ќе се случи, е онаа на Нелсон Семедо во Барселона.
Официјално, клубот од Лисабон го пушти Семедо на лекарски прегледи, а во касата на Бенфика треба да се слеат дополнителни 30. милиони евра.
Сето тоа носи вкупна заработка од скоро 155.000.000 евра, во рок од шест месеци, неполни...
Една вистинска докторска дисертација на тема „како да правиш играчи, да ги продаваш на вистински начин, и да им земаш големи отштети на богатите клубови како ПСЖ, Барселона, Манчестер Јунајтед".
А она што е најдобро во целата оваа приказна за Бенфика е дека како „печурки после дожд" никнуваат, растат нови бисери кои брзо ќе бидат поставени во излогот.
Добра грижа, плус искусно тргување. Тоа е убиствена комбинација, да, и полна каса. Во денешниот свет- фудбалот, најважната работа!

Најново во Другата страна на спортот