КАКВО БИЛО ДЕТСТВОТО НА БРАЗИЛЕЦОТ

Дани Алвеш се „отвори": Излез секогаш постои! (ВИДЕО)

Идниот играч на Манчестер Сити ја „отвори" својата „временска капсула", и му покажа на светот како дошол до она што е сега

објавено: 22 јуни 2017 - 18:30

Фудбалот буди посебни емоции кај луѓето. Тешките животни приказни, со среќен крај, секогаш заземаат посебно место во срцата на вистинските љубители на најглавната споредна игра на светот, и на крајот на краиштатата е доста тешко да се остане рамнодушен на сето тоа.

Така зборуваа и Карлос Бака, потоа и Сади Мане, тешко детство, живот во беда, во сиромаштија, тежок пат до звездите и конечен успех.
А се чини дека истата судбина, своевремено, се разбира, ја делел и Дани Алвеш.
Но со тоа што за разлика од Диего Коста и Адријано, неговиот живот не поминал низ оние бразилски „фавели", туку во едно мало село каде едвај имал основни, минимални услови за живеење.
И додека сега е во центарот на вниманието на европските новинари, пред се поради несаканата разделба со Јувентус, и се поизвесното „селење" во Манчестер Сити, Дани Алвеш „се отвори". За своите фанови на социјалните мрежи, но и на медиумите, да им го покаже светот во кој некогаш живеел.

Во овој момент го „троши" својот одмор во малото место Жуазерио, во североисточниот дел на Бразил, непосредно до она каде растел.
„Лесно е да се постигнат два гола на стадионот на Јувентус, или пак на 'Ноу камп', 'Бернабеу', на 'Емирејтс'. Би сакал да ве видам како би дале два гола овде" - вели низ смеа искусниот бек, покажувајќи на земјениот терен, полн со прашина.

„Сакам да ги видам Нејмар и Меси како играат на средина од овој 'камењар'. Тие доминираат со топката во Барселона, но овде доминирам јас, затоа што јас сум роден тука" - се пошегува Алвеш, кој откри и како изгледал неговиот детски живот.

Во трошна куќа со соголени зидови, бетонски кревет на кој спиел, вода од мало буре кое некои луѓе им го носеле од градот, и работата со крампот во полето, и на крајот, дека играл фудбал бос, без никакви обувки.
Со еден збор, Дани Алвеш сакаше и покажа, дека животот не е воопшто лесен, особено за Бразилците од тие предели. Посебно затоа што и сега некои луѓе се дел од таа „приказна". Живеат во слични услови. Но, излез секогаш постои, и тоа би требало да биде пораката која Алвеш ја испраќа во светот.

 

 

 

 

 

 

Најново во Другата страна на спортот