ЕКС-ШАМПИОНОТ ИМА ВЛОШЕНО МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ

Грент Хекет повторно со проблеми

Поранешниот олимписки шампион во пливање, Грент Хекет е уапсен во Австралија откако неговото „бесно" однесување го натерало неговиот татко да ја повика полицијата

објавено: 15 февруари 2017 - 15:40

36-годишниот Хекет подолго време се бори со проблеми со злоупотреба на апчиња, но беше пуштен од полицијата без обвиненија.

„Грент има медицински проблем и тоа се манифестираше дома ова утро. Тој добива лекарски третман. Тој е голем и моќен кога не е среќен. Решивме дека му е потребна помош, но тој не сакаше да го направи тоа ова утро“, изјави неговиот татко Невил за весникот „Голд коуст булетин“.

Минатата година Хекет мораше да се извинува по конфликт со еден патник во авион. ТВ-снимките го покажаа Хекет како ги покажува лисиците со кои е врзан пред да биде однесен во полициска станица. Неговото семејство е загрижено.

„Ова не е Грент Хекет. Ова е сосема различна личност. Не ја познавам таа личност, ниту мојата мајка и татко. Телото е тука, но умот и духот го нема“, вели неговиот брат Крег.

Хекет, кој беше олимписки шампион на 1.500 метри слободно и 4х200 метри слободно на ЛОИ во Сиднеј во 2000 и на 1.500 метри во Атина во 2004, се врати во базенот минатата година во неуспешен обид да се квалификува за Олимпијадата во Рио. Тој претходно призна дека се бори со зависност од средства за спиење.

Најново во Другата страна на спортот