Македонија повторно е дел од проект „Фудбал за Пријателство“

Интернационалниот ден на Фудбалот и Пријателството одбележан во повеќе од 200 градови ширум светот, меѓу кои и Скопје!

Младите Амбасадори Максим и Ева заедно со Наташа Мешковска и Илија Најдоски го одбележаа Интернационалниот ден на Фудбалот и Пријателството со "Академија за Пријателство"

објавено: 25 април 2018 - 17:10

Денес во Македонија, како и низ повеќе од 200 градови ширум низ светот, започнаа активностите за промоција на мирот, пријателството, еднаквоста и здравиот животен стил - се во рамки на интернационалниот Ден на Фудбалот и Пријателството (25. Април).

Десетици илјади деца и возрасни учествуваат во рамки на различни манифестации, пријателски натпревари, отворени тренинг сесии, маратони и спортски настани. Учесниците во активностите по повод овој неверојатен светски настан добиваат и официјална поддршка од страна на познатите професионални фудбалски ѕвезди, тренери, ТВ водители, медиумски личности, уметници и државни институции.

Македонија по втор пат е дел од проектот "Фудбал за Пријателство", под покровителство на Газпром А.Д., во чии рамки се одбележува овој интернационален ден. По овој повод, Младите Амбасадори од Р. Македонија – Максим Цониќ (Млад Фудбалер од подмладокот на ФК "Вардар") и Ева Јакимовска (Млад Новинар, ученик во основното училиште "Стив Наумов" од Скопје) заедно со проф. д-р Наташа Мешковска и познатата Вардарова Фудбалска Легенда – Илија Најдоски, Технички Директор на ФК "Вардар" беа дел од првата "Академија за Пријателство" во рамки на Фудбалската Академија на ФК "Вардар".

Покрај Младите Амбасадори – Учесници во проектот "Фудбал за Пријателство" и познатите фудбалери, на настанот присуствуваа и децата фудбалери од Академијата на ФК "Вардар", како и ученици од Основните Училишта "Стив Наумов" и "Јохан Хајнрих Песталоци" од Скопје. Како дел од одбележувањето на Интернационалниот ден на Фудбалот и Пријателството, фудбалските легенди од ФК "Вардар" го споделија своето искуство за ширењето на пријателството преку фудбалот и разговараа со младите генерации за негувањето на основни човекови вредности низ спортските активности, воопшто. Младиот фудбалер Максим Цониќ и младиот новинар Ева Јакимовска дискутираа со присутните како младите да се поттикнат повеќе да практикуваат спортски активности и преку нив да ги споделуваат и основните вредности кои се промовираат во рамки на овој проект - пријателство, еднаквост, праведност, здравје, мир, посветеност, победа, традиција и чест.

Интернационалниот Ден на Фудбал и Пријателство (25. Април) за прв пат бил одбележан во 2014 година од страна на младите амбасадори на Интернационалната Детска Општествено-одговорна програма „ФУДБАЛ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО", поддржана од ФИФА и УЕФА. Во текот на овој ден сите кои ги поддржуваат клучните вредности презентирани и поддржани од оваа програма, како: еднаквост, почит за другите култури и мир, подаруваат сино-зелена Алка на Пријателството. Сината нишка на алката го симболизира мирното небо, а зелената фудбалскиот терен, пристапен за секого.

"Возбуден сум што ќе бидам дел од проектот "Фудбал за Пријателство". Сметам дека учеството во овој проект ќе допринесе за мој развој и како иден фудбалер, и како човек. За да се биде успешен и добар фудбалер мора првенствено да се биде добар човек и одличен пријател. Се надевам дека овој проект ќе ме направи побогат за 211 пријатели ширум светот."- изјави Максим Цониќ, Млад Амбасадор на програмата "Фудбал за Пријателство" од Македонија.

"Навистина се радувам што ќе имам можност да запознаам деца од 211 земји и региони ширум светот. Сметам дека ова е одлична шанса да се запознаам со деца од различни култури со кои ќе можам да разменам различни искуства за секојдневието на 12 годишниците низ светот. Воедно, среќна сум што ќе можам да го збогатам својот круг на пријатели со другарчиња од сите континенти." – изјави Ева Јакимовска, Млад Амбасадор на програмата "Фудбал за Пријателство" од Македонија.

"Реализацијата на вакви проекти е од суштинска важност за развојот на младите и спортот во една држава. Особено ме радува што имам можност да ја поддржам оваа иницијатива споделувајќи го моето лично искуство на теренот и пошироко, како пример и инспирација за сите млади генерации. " – изјави Илија Најдовски, Технички Директор на ФК "Вардар".
„Голема чест и задоволство ми претставува можноста повторно да бидам дел од проектот „Фудбал за Пријателство". Верувам дека Младите Амбасадори од Македонија Максим и Ева успешно ќе ги промовираат вредностите и значењето на овој голем интернационален проект. Истовремено, се надевам дека ќе наидат на поддршка од целокупната македонска јавност." – изјави проф. д-р. Наташа Мешковска.

Најново во Другата страна на спортот