АМЕРИКАНСКИОТ ТЕНИСЕР СО ОДЛИЧЕН ГЕСТ

Младиот фан на Сок ќе има гренд слем колекција на пешкири

Американскиот 18. носител, Џек Сок му помогна на младиот ирски фан да собере колекција од пешкири од сите четири гренд слем турнири откако случката по неговиот меч од првото коло предизвика огромно внимание

објавено: 5 јули 2017 - 19:30

Кога 24-годишниот Сок го комплетираше триумфот над Чилеанецот Кристијан Гарин, еден млад навивач го побара неговиот пешкир, и тенисерот го фрли во негова насока. Меѓутоа, еден значително постар „џентлмен“ со сила му го зеде пешкирот од раце.

Сок, откако ги виде снимките од случката, кои се „вртеа“ на Интернет, го пронајде момчето преку социјалните мрежи, му подари нов пешкир и му прати покана за посета на други мечеви.

„Момчето му прати порака директно на Џек на Инстаграм, но веќе си имаше заминато за Ирска. Џек го покани на другите негови мечеви и му прати пешкир“, изјави неговиот менаџер, Мери Џејн Орман.

Сок не застана тука - преку социјалните мрежи доби ветување дека и другите три гренд слем турнири - Ролан Гарос, УС опен и Австралискиот опен ќе му пратат пешкир на навивачот. 

Најново во Другата страна на спортот