СЛОБОДАН КРОМОВСКИ ИМА ПОСЕБНА ПРИВИЛЕГИЈА ВО ЛОНДОН

Секој ден Ебуе ручаше кај мене, жал ми е за него, би сакал да се врати тука...

Скопјанецот Слободан Кромовски ја има среќа или подобро кажано, задоволство да биде постојано во друштво на големи фудбалери, претежно оние кои играат или играле за лондонски Арсенал. Ова е неговата новогодишна приказна, ќе ја наречеме „дружбата со звездите".

објавено: 31 декември 2017 - 12:00

Дејствието обично се случува таму некаде во населбата наречена Кукфостерс, дел од големиот Лондон.

Навидум ништо не значи во светот на спортот, особено не фудбалот. Но во тој дел од британската престолнина, имаме еден свој човек, Македонец.Еден од шефовите на оддели во познатиот „Бруклин" ресторант.

Местото кое како по некое непишано правило, како што ни појаснува Слободан Кромовски, е „собиралиште на најголемите звезди" во Премиер лигата.
Поточно оние од Арсенал...

„Ова е моја седма година како што сум во Лондон. И исто толкав е периодот во кој навистина можам и да се пофалам, зошто да не, ја имам таа првилегија, да бидам во непосредна близина на најголемите звезди во Премиер лигата. Можеби делува како фраза, ама навистина е така. Затоа што во ресторант каде што работам, како директор на оделот за послужување, имам ретка можност. Да "соработувам" со звезди од типот на Војчех Шчесни, Џејк Вилшер, Дени Гибс, Фредерик Љунберг, но и со Емануел Ебуе"- вели во неврзаниот муабет „Боби" како што знаат да го викаат неговите работодавачи и другарите од Арсенал.

Дружбата со овие големи имиња го натерала Кромовски да „се запали" по фудбалот. И како прва мерка, да се обиде, и да успее во тоа, да пронајде сезонски билет за натпреварите на популарните "топчии".

„Не е лесна таа работа, ама кога имаш 'врски' тоа поминува и тука во Лондон. Се снајдов некако, ама како што велиме ние 'ми влезе чивијата'. Прво бев горе 'со птиците' на Хајбери, потоа се преселивме на 'Емирејтс', и сега имам многу подобра позиција. На пример пред некоја недела бев во непосредна близина, на метар-два од еден Вејн Руни. Дури можев и да го плукнам, и иако е тоа строго забрнето. Се шегувам, имам одлично место, не треба да погодувате зошто. Тоа е по заслуга на моите пријатели од Арсенал".

И покрај тоа што се знае со најголем дел од фудбалерите, засега немал контакт со вечниот Арсен Венгер.
Но едно лице му оставило посебен впечаток.

„Дефинитивно, тоа е Емануел Ебуе. Сега читам за неговата страшна судбина. Да ви кажам искрено, момчето навистина е таков и во реалниот живот. Мислам дека делува онака, баш наивно, и сега дознав дека останал без еб..а фунта во џебот. Само кога ќе се сетам дека секој ден беше на ручек кај нас, до мене, разговаравме за различни теми, најмногу за женски линости. И криво ми е што му се случува ова. Би сакал да се врати тука во Лондон, ќе му организираме ручек, секојдневно и бесплатно. ОК момче е, не го заслужува тоа, навистина трагично".

Иако е опкружен со вистински фудбалски богаташи Боби вели дека нивна практика не е да трошат толку многу пари на јадење...

„Кај нас барем делуваат доста скромно, не се 'отвораат' не знам колку. Јадат 'стартери', односно основни пакети кои се во нашата понуда, и чинат не повеќе од 25. фунти. Делумнo и поради строгиот режим на исхрана кој го имаат во клубот, и кој не дозволува преголемо количество на калории во организмот.



Но кога се зборува за оние вечерни излегувања, тоа е нешто сосема друго за кое не би сакал да коментирам многу многу. Сум присуствувал на многу забави кои на пример, ги прави Вилшер, тоа е лудило, и треба да се доживее онака ' на лице место'.
Инаку, не се пребирливи, јадат скоро се што го имаат на располагање, не прават проблеми на таа тема, иако секој има свои маани и врлини".

 

Вели дека освен Ебуе, му е жал што веќе го немаат Бакари Сања, неговиот најомилен лик од сите овие познати фаци.
"Тоа е професионалниот живот на фудбалерите. Денеска си тука, утре на друго место. Бакари е неверојатно типче, доста дружељубив, секогаш подготвен за шега, за 'зафрканција'. Сега е во Манчестер...



Си замина и Шчесни, отиде во Јувентус, мислеше дека ќе му биде замена на Буфон. Ама мислам дека Пољакот ќе мора да ја чека својата шанса уште барем една година. Џиџи е Џиџи, не се предава така лесно, макар што мислам дека Војчех ќе им врши работа. Видовте ли како го одбрани оној удар на Патрик Шик против Рома? Им остави два бода во џебот на јувентините. И тоа е еден добар лик, малку поразличен од овие со друга боја на кожата, иако кај нас такви разлики не правиме воопшто.


Секој гостин во 'Бруклин' ни е добредојден. Па и вие, кога имате прилика да дојдете во Лондон ќе ни бидете драги гости. Сега реновираме, а после празниците ќе блеснеме во уште поголем сјај, значи дека дружбата со звездите ќе продолжи и понатаму "- кани Кромовски на крајот на оваа убава приказна на истекот на оваа 2017 година.

Поканата е отворена, редно е да ја прифатиме, и да видиме како сето тоа изгледа и на „лице место"...
Б. Радуловиќ

 

Најново во Другата страна на спортот