НЕВЕРОЈАТЕН ПОДВИГ ВО ФРАНЦИЈА

Велосипедски рекорд на 105 години!

Робер Маршан, 105-годишниот Французин влезе во велосипедската историја откако помина 22.528 километри за еден час на велодром во Сен Квентин ен Ивелин во близината на Париз

објавено: 4 јануари 2017 - 19:30

Маршан, кој има голем број на фанови во Франција и беше поддржуван од стотина навивачи покрај велодромот во Сен Квентин ен Ивелин сепак, не успеа да го сруши сопствениот рекорд. Маршан помина 26.927 километри на истиот велодром во 2014 година кога имаше 102 години, поставувајќи го актуелниот рекорд во категоријата +100 години!

„Можев да бидам и подобар, но не го забележав знакот кој покажа дека имам 10 минути до крајот. Нозете не ме болеа, туку само рацете и тоа поради реумата. Но, не сум тука да бидам шампион, туку да докажам дека можете да имате 105 години и да возите велосипед“, изјави Маршан.

Маршан е роден на 26 ноември 1911 година, и вели дека физичката подготвеност е поради неговата диета - многу овошје и зеленчук, малку месо, малку кафе и еден час на домашниот велосипед.

Маршан бил воен затвореник во Втората светска војна, по што работел како камионџија и на плантажа за шеќерна репа во Венецуела, но и како дрвосеча во Канада.

Најново во Другата страна на спортот